Select Page

 

Вистина е дека на овој свет сме дојдени низ љубов, како што е вистина и настојувањето да поминеме живот исполнет со љубов. Љубовта е двигател, инспирација, потрага, копнеж, еден цел исполнет живот, зависно од кој агол гледате .

 

Јас денес сакам да гледам од еден можеби за сите други чуден агол, но за мене единствен можен и вистински во овој момент, а тоа е дека љубовта иако ни е дадена, сепак не ни е подарена со чудотворна моќ за самообновување, зајакнување и оддржување. Едноставно не е самоодржлив ресурс, иако верувам дека повеќето така сакаме да мислиме дека е, да не речам дека сме убедени дека тоа е што е и нема многу  простор за наше делување. За жал или за среќа ќе речам не е така. А еве и зошто. Ќе се обидам да споделам со вас, а притоа да не ве оптеретам, заморам… а сепак, да ве замислам и со надеж, насочам кон грижата за љубовта и интимноста, со поттик да ги земете во своите раце и широко ги испружите, за да со нив, и нив во нив го досегнете вашиот партнер, кој исто како и вие има право да биде дел од таа убавина, размена и совршенство.

 

Љубовта е релациски феномен, кој се јавува на местото на кое двајца се наоѓаат, отворени да се чујат себе и другиот, во молк и тишина, во бука и жагор, во музика и поезија, во конфликт и расправија, во се она што животот носи и со што не опсипува катадневно.

 

Така и кога ќе се обидеме да ја дефинираме ЉУБОВТА како физичка, емоционална, интелектуална, социјална привлечност на една особа кон друга особа, небарем се обидуваме да го дофатиме недофатливото, да го кажеме некажаното, изговориме неизговореното. И како виор од поими веднаш се истураат на нас и поимите кои укажуваат на желба, восхит, грижа, посесивност, услужност….робство. Уплашени, затечени, лесно се откажуваме и го фаќаме патот кој води во спротивната насока, заборавајки колку е значајно да подзастанеме и погледнеме како одзади крадешкум, со доза на скромност и милозливост ни се насмевнува интимноста, која е се она што ја креира посакуваната ни визија за тоа како сакаме да бидеме сакани и да сакаме, како близина со взаемно прифаќање, нега, размена и верба која меѓу себе ја делат двајца партнери. Тоа е љубовта за која сонуваме, партнерска, која креира интимност меѓу двајца кои се сакаат, почитуваат, грижат еден за друг, а се на некое место на кое се истовремено еднакви, а сепак комплементарни. И ова не е илузија, само место кое е многу реално и можно. Место кое бара ангажман за да љубовта која ни е дадена ја добие чудотворната моќ за самообновување, зајакнување и оддржување, која само двајцата партнери може да ја вдахнат.

И еве како. Не е потребно да измислиме нешто големо, посебно, грандиозно. Потребно е само да се сетиме дека како човечки суштества во основата сме релациски битија кои ако ја немаат поврзаноста со другото битие, не би можеле ни да заживеат на овој начин, во овој облик и на оваа планета. Таа поврзаност како сет на емоционални и социјални врски без кои и нашето преживување од најмали нозе не би било можно е репетитивна и базирана на проекцијата на тоа што чинам дека го немам, а толку искрено посакувам да го имам, што во моментот кога како одраз ќе го здогледам во другиот, како митот за Нарцис да станува жив и јас се вљубувам длабоко и бескрајно во тоа што го гледам како свој одраз во другиот, а не го препознавам како дел од сопственото битие. Гледајќи го во тебе, тоа по што трагам да го имам кај себе, а незнаејки дека тоа е тука, само стои непрепознаено, твоето што го гледам и моето што е тајновито, го почнуваат космичкиот дијалог, во кој твоето непрепознаено се возгледува во тоа што јас го имам, а по кое ти копнееш. И играта започнува водена од најприродните закони.

Заморени од вечната потрага по загубениот дел, што Боговите ни го оттргнале од љубомора и завист, што се краен опозит на љубовта што тие ја немале и на која ни завидувале, и од кој и нас сакале да не лишат, почнуваме да се препознаваме во другиот, да ја возобновуваме целоста што сме ја имале и потрагата завршува, но не и работата, посветеноста да се очува она што е создадено. Отварајки се кон другиот, фрлајќи ги превезите кои не кријат, дозволуваме двете битија да станат едно, со свесност дека се две. Тоа може да не направи осетливи и ранливи, но и да ни донесе неизмерна среќа и задоволство, максимална заштита што само љубовта може да ја даде, љубовта која како вел над нас може да не стори невидливи за другите, со што не обезбедува засекогаш. И се се губи, исчезнува стравот, несигурноста, а вербата, чувството на прифатеност и безбедност, го полни просторот на двајцата, како единство и целовитост. И веќе ништо не е исто, и нема веќе да биде исто, промената се случи.

Промената да се биде отворен за промена, затоа што тоа е животот, бран со почеток и крај, за да го задоволи нашето рацио, а впрочем бран како бескраен круг на редефинирања и рекреирања…Со или без почеток и крај, оваа вечна тема која ја испреплетува љубов, интима и живот, секојдневие, буди интерес и бранува денес, како што ќе бранува и утре, најверојатно како што бранувала и вчера, повикувајќи на отвореност, свесност и верба. На нас е да стоиме отворени и спремни, свесни дека љубовта не створила, таа не оддржува и штити, и за нас го овозможува волшебството што само интимноста го нуди, да бидеме голи а облечени во најубавото руво.

Ете вака го срочив тоа што интимно го доживувам врзано за љубовта, најшироко сфатена, без оптоварувања, обременувања, стереотипи и предрасуди, чиста, исконска, универзална, космичка, а секогаш релациска.

 

Без почеток и крај во основата, јасно определена со почеток и крај како и животот, вечна и неодолива, незаобиколна и единствена. Љубов.