Прво Психолошко Советувалиште во Црвениот крст
Во далечната 1992 година успешната соработка помеѓу неколку ентузијасти и Црвениот крст на Р.М. и Црвениот Крст на град Скопје резултираше со отворање на Првото Психолошко Советувалиште во рамки на Црвениот крст на град Скопје. Ова советувалиште е наменето за прва психолошка помош за сите оние на кои им е потребна помош од овој вид, психолошки консултации, информации, психолошко советување и психотерапија.
Заслужни за реализирањето на она што некогаш се чинело сон се Емилија Стоименова-Цаневска, Кети Едровска-Исајловска и Силвана Ончева и секако тимот и поддршката од Црвениот крст.
Денес работата во психолошкото советувалиште ја обавуваат волонтери од ГЕШТАЛТ ИНСТИТУТ СКОПЈЕ, со кого Црвениот Крст на град Скопје има договор за соработка на повеќе проекти. Овие волонтери се супервизирани од страна на искусните колеги од институтот.
Гешталт Институт Скопје е првиот европски акредитиран институт во Република Македонија од страна на Европската асоцијација за гешталт терапија, со што се потврдува дека квалитетот на програмата и изведбата е во согласност со највисоките критериуми и стандарди на европската психотераписка сцена.
Населението во Македонија тоа и го заслужува, за него да се грижат најдобрите.
На кој начин функционира советувалиштето?
Два пати неделно во траење од 3 часа, волонтерите од “Гешталт Институт” се присутни во Црвениот крст на град Скопје, каде што граѓаните можат лично да ги посетат. Тие работат во склад со етичкиот кодекс на професијата, стручно и компетентно. Волонтерите-психотерапевти се во завршните години од едукацијата за гешталт психотерапевти, а нивната работа редовно е супервизирана од супервизорите кои се на располагање на “Гешталт Институт”. Тие работат гешталт советување, гешталт терапија, а понекогаш тоа е само т.н. водење за живот.
Гешталт терапијата претставува хуманистички психотераписки правец, една од водечките психотерапии во светот од причина што поаѓа од индивидуалните потреби на поединецот и е во функција на неговиот раст и развој. Има хуманистичка и егзистенционалистичка основа. Гешталт методот нуди моќен пристап кон учење и промена низ сопствено искуство кое се стекнува во сегашноста. Севкупноста на личноста – телото, разумот и духот – се во фокусот на гешталт психотерапијата. Психотерапевтите и клиентите креираат контакт кој носи свесност за нови начини на комуникација. Клиентите се поддржани да се сретнат со својата севкупност преку сегашни искуства и преку препознавање на потиснатите потреби или конфликти.
Гешталт психотерапијата се применува за надминување на проблеми и кризи во животот на секој поединец, без разлика на возраста. Главна цел на оваа метода е подобрување на квалитетот на живеење преку увиди и надминување на проблемите со поддршка низ психотерапискиот процес. Се одвива преку сеанси (разговори) кои траат по 45 минути до еден час. Приодот дава одлични резултати кога се користи и групно и индивидуално.
ЦРВЕНИОТ КРСТ НА ГРАД СКОПЈЕ И ГЕШТАЛТ ИНСТИТУТ СКОПЈЕ И ПОНАТАМУ ПРОДОЛЖУВААТ ДА ЈА РАЗВИВААТ СВОЈАТА СОРАБОТКА ВО ФУНКЦИЈА НА ПОДОБРУВАЊЕ НА КВАЛИТЕТОТ НА ЖИВОТ НА СЕКОЈ ЕДЕН ОД НАС.
ВРАТИТЕ НА СОВЕТУВАЛИШТЕТО СЕ ОТВОРЕНИ ЗА СИТЕ ЗАИНТЕРЕСИРАНИ КЛИЕНТИ. Телефон за контакт: 078/ 517 – 189