
21 Август 2006 година е денот кога официјално е основан Гешталт Институт Скопје. Но како и зад секој успешен институт и Гешталт институтот има богато минато од кое се започна. Во почетокот на деведесетите години за прв пат во Македонија беше формирана гешталт едукациска група под раководство на Лидија Пецотиќ. Овој циклус својот природен завршеток го имаше десет години подоцна, што едновремено резултираше со отпочнување на нова искуствена група и едукација за Гешталт терапија. Оваа едукациска група се одвиваше преку НВО Контакт-хуманитарна организација, при што групата беше водена од Емилија Стоименова Цаневска, додека Лидија Пецотиќ беше гостин тренер и поддржувач на следот активности.
Во 2003 година беше формирана МАПСС Имиџ (Македонска Асоцијација за психотерапија, советување и супервизија) и едукацијата продолжи преку неа. Во рамки на МАПСС Имиџ беше формиран Гешталт Центар Скопје. Неговото формирање беше направено со одлука на Собранието на МАПСС Имиџ на седницата оддржана на 14.09.2004 година. Гешталт Центар Скопје функционираше како внатрешно тело основано од самата асоцијација со права и обврски опишани во одлуката за неговото основање. Неговата цел беше да ја покрие едукацијата од областа на гешталт психотерапијата и истата да ја издвои во рамки на асоцијацијата како посебна активност.
Континуираниот развој на центарот ја наметна потребата за усогласување со европските стандарди за психотерапија и зачленување во ЕАП, поради што МАПСС Имиџ во 2005 година се преименува во Македонска Асоцојација за Психотерапија Имиџ (МАП Имиџ).
Откако МАП Имиџ стана НЧО (национална чадор организација) во 2005 година, таа го продолжи започнатиот процес на одвојување на организацискиот од едукативниот дел. Овој процес заврши во 2006 година и резултираше со регистрирање на ДООЕЛ “Гешталт Институт”-Друштво за образование и психологија, Скопје.
Денес Гешталт Институтот е единствениот европски акредитиран гешталт институт во Македонија и претставува водач во проучувањето, развојот и примената на Гешталт терапијата. Бордот на професори го сочинуваат повеќе професори кои континуирано работат на директно планирање на едукативната програма на Гешталт институтот. Во рамки на институтот се организираат едукативни и развојни програми кои се наменети за сите оние кои сакаат да го продлабочат своето знаење и континуирано да растат. Едукантите знаењето кое го стекнуваат преку едукативните програми од гешталт психотерапијата го применуваат во своето секојдневно работење во областите на здравството, образованието, општеството, бизнис организациите и корпорациите.
Гешталт институтот нуди две до четири години тренинг програми во гешталт психотерапија и методологија, при што првите две години се фокусираат на личен раст и развој, додека третата и четвртата се фокусирани на континуиран тренинг за терапевти и практично искуство.
Работата на Гешталт Институтот е постојано поддржувана од ГПТИМ (Гештал Психотерапија Тренинг Институт Малта). Главни тренери се проф.д-р. Емилија Стоименова-Цаневска, гешталт шсихотерапевт, тренер и супервизор, член на ECP, EAGT, ATM, и GRTIM и д-р. Лидија Пецотиќ, ECP, EAGT, ATM, гешталт психотерапевт, тренер, супервизор и основач на ГПТИМ.